И покрај договорот до крајот на сезоната да ја одработи соработката со Металург, Данило Брестовац по убедливиот пораз на домашен терен од Еурофарм Работник во Суперлигата на Македонија си поднесе, како што ни изјави, неотповиклива оставка од клупата на тимот од Автокоманда.
„Јас со Металург завршувам. Ова е мој последен меч на клупата на клубот затоа што после еден ваков дебакл нема начин како да продолжам. Поднесувам оставка на тренерската функција, затоа што јас ја преземам комплетната одговорност за убедливиот пораз“ – изјави за ЕКИПА, Данило Брестовац веднаш по поразот на Металург од Еурофарм Работник.
Како за последен пат, новиот македонскиот селектор се осврна накратко и на дуелот во Автокоманда…
„Сосема заслужена победа на противникот. Беа подобри од нас, имаа повеќе желба за победа. Нема што да им замерам на моите ракометари затоа што јас сум одговорниот за поразот. Имав лоша подготовка за натпреварот и сето тоа се рефлектираше на самата игра“ – истакна Брестовац.
А сега за Брестовац претстои комплетна посветеност на работата во македонската репрезентација.
„Нема да можеме многу да менуваме за дуелите со Исланд со само неколку тренинзи. Сигурно за толку краток период не можам да направам чуда затоа што не сум Дејвид Коперфилд, но ќе има одредени корекции во одбраната за да дојдеме до позитивни резултати“ – вели Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА