Блокотехна на нов Ф4 во БИБЛ: Како без повредените во Тирана?

Екипата на Блокотехна и во втората сезона од своето постоење успеа да стигне до фајналфор турнирот во БИБЛ-лигата, што викендов се одржува во Тирана. Тимот од Гевгелија го освои второто место во регуларниот дел од сезоната, за ривал денеска (17 часот) ќе го има третопласираниот Академик Бултекс, но многу поголем проблем за тренерот Илиевски од силата на противникот се повредите на клучните играчи на Блокотехна.

Данило Мијатовиќ и Горан Главчев се повредија во последното прволигашко коло против Куманово и нема да можат да настапат на овој фајналфор турнир, а новопотпишаните Фундербург и Михајлоски немаат право на настап во Тирана.

„За сите во клубот огромна чест и задоволство е што повторно сме дел од фајналфор турнирот. За жал, се соочивме со сериозни проблеми поради повредите на Главчев и на Мијатовиќ, кои се главни играчи и според квалитетот и за создавање на тимска хемија. Ако на ова се додаде и отсуството на Лефкоски, како и на фактот дека не ни беше дозволено да пријавиме нови играчи во ростерот, јасно е дека осетно ослабени ќе настапиме во Тирана. Како и да е, повредите се само мотив плус за оние кои ќе настапат успешно да ги бранат боите на нашиот клуб“ – изјави Марјан Илиевски во пресрет на овој фајналфор турнир.

Блокотехна и Академик Бултекс одиграа две средби во регуларниот дел од сезоната, македонскиот тим славеше на домашен терен со 89-74,  по што следеше пораз на гостувањето во Бугарија со резултат 82-77.

Се вчитува...