Блокотехна ќе се бори за титулата во БИБЛ

Блокотехна го обезбеди првото учество во финалето од БИБЛ лигата. Во втората сезона во регоналното кошаркарско натпреварување, гевгелискиот состав место во битката за титулата го обезбеди остварувајќи полуфинална победа на Ф4 турнирот во Тирана од 79-74 над бугарскиот Академик Бултекс.

Во мечот во кој беше без многузначајните Данило Мијатовиќ и Горан Главчев кои отсуствуваа поради повреди, Блокотехна одигра непостојано, се враќаше неколкупати, но откако ја презеде контролата во финишот на третиот сегмент, не дозволи противникот да ја одземе предноста иако финишот донесе неизвесност, пенал завршница и сепак триумф.

Блокотехна го доби воведното полувреме минимално со 41-40 и тоа откако се врати по негатива од осум поени кои Академик го достигна во средината од втората четвртина кога водеше со 24-32. Бугарскот тим одржуваше предност, имаше плус шест на минута и пол пред крајот на полувремето по што Блокотехна со серија од 5-0 го презеде водството.

Второто полувреме почна со серија од 7-0 на Академик, па по само три игра минути бугарскиот тим имаше 41-48, но до крајот од периодот, Блокотехна не само што успеа да ја анулира предноста, туку и обезбеди позитива и во завршниот сегмент влезе со плус пет. На крајот од третата четвртина водеше со 62-57.

Младеновиќ со 22 поени, Пен со 18 Глигоријевиќ со 17 беа креатори на успехот на Блокотехна. Поени постигнаа уште само Николиќ 11, Ѓумиќ седум и Колев четири.

Противник во финалето на Блокотехна ќе и биде победникот од вториот полуфинален дуел во кој се соочуваат Теута и Берое.

Се вчитува...