Кошаркарите на Блокотехна по вчерашниот подвиг во полуфиналето против Академик денеска ги очекува нов предизвик – големото финале на БИБЛ-лигата. Ривал им е домаќинот Теута, кој на своја страна ќе ги има и навивачите, но во Блокотехна се свесни дека доколку го подобрат одличното издание од полуфиналето ќе имаат реални шанси за трофејот.
„Ова ми беше четврти фајналфор турнир во кариерата, а победата над Академик ми е втора најомилена, зад онаа кога станав првак со Приштина. Честитки до играчите кои покажаа огромна дисциплина, во голема мера го реализираа она што го договоривме во одбраната, што ни овозможи да стигнеме до победата. Веќе реков дека отсуството на клучните играчи ќе биде мотив за останатите, тоа се покажа и на теренот. Теута е ривал со кого два пати игравме сезонава и два пати победивме, но сега околностите се поинакви и задачата сигурно е многу потешка“ – истакнува тренерот Илиевски.
Проблем на македонскиот тим дефинитивно ќе претставува заморот, со оглед на фактот дека целиот товар во полуфиналето падна на само пет кошаркари (Николиќ, Младеновиќ, Глигоријевиќ, Пен и Џумиќ). Отсуството на Главчев, Мијатовиќ и Лефкоски беше надополнето на тој натпревар, но доколку останатите успеат да одиграат ниво слично на вчерашното полуфинале, шансите за успех се сосема реални.
Големото финале од БИБЛ-лигата меѓу Блокотехна и Тетута се игра вечерва во 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА