Првиот човек на Блокотехна, Томе Главчев, не го криеше задоволството по освоениот трофеј во БИБЛ-лигата. Човекот што вложуваше огромни средства во гевгелиската кошарка со години наназад имаше причина да биде среќен по Ф4 турнирот во Тирана, истовремено изразувајќи надеж дека ова нема да биде последен трофеј за тимовите од Гевгелија.
„Се чувствувам навистина добро, да го освоиме трофејот што толку го посакувавме. Истовремено, жал ми е што тоа не го сторив со Кожув, тим кој е дел од мојата кошаркарска историја, но од срце посакувам и Кожув во иднина да дојде до истиот пехар. Носиме важен трофеј во Гевгелија, сите сме пресреќни, клубот функционира две и пол години и веќе остваривме значаен успех. Се надевам дека овој пехар е само прв чекор, да бидеме уште подобри во иднина“ – изјави Главчев.
Блокотехна и Кожув заедно се домаќини на завршниот турнир од Купот на Македонија, што од петок до недела ќе се одржува во Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА