По денешното преименување на најголемиот македонски стадион од национална арена „Филип Втори“ во национална арена „Тоше Проески“, поголемиот дел од домашните фудбалски лица се повеќе од изненадени од одлуката на Владата.
Едногласно е мислењето дека ликот и делото на Тоше Проески заслужува помен и дефинитивно објект по кој Македонија би се сеќавала на најголемата музичка ѕвезда, но отворено се спротиставуваат Градскиот стадион да биде именуван по музички уметник сметајќи дека тоа е чисто популистички, непромислен, потег.
„Мислам дека ова е само лоша услуга за ликот и делото на Тоше Проески кое сите ние го почитуваме. Меѓутоа оваа одлука е неприродна, усилена и ми изгледа како злоупотреба на неговото име. Има објекти во земјава кои дефинитивно го заслужуваат неговото име, но спортски стадион, само затоа што на истиот се одржувале музички концерти, да биде именуван на тој начин никаде нема во светот. Јас би сакал ете почитувајќи ја традицијата да се врати името – Градски стадион“ – вели легендата на Вардар и македонскиот фудбал, Васил Рингов.
Со неговото мислење се согласуваат и поголемиот дел македонски фудбалски легенди од минатиот век. Не поразлично е мислењето и на доајенот на спортското новинарство Атанас Костовски кој вели дека Градски стадион е сосема логично решение или именување по едно од најголемите македонски фудбалски имиња во историјата, Кирил Симоновски – Џина.
„Автогол е новото име за нашиот најголем стадион. Не знам во кој систем на владеење првпат е речено – спортот на спортистите, сега можеби е и време за дополнување – спортските објекти со имиња на нашите прославени спортски херои! Новиот наш фудбалски храм, кој со помош на Владата ќе добие европски изглед, заслужува да го носи името на Кирил Симоновски – Џина!“ – пренесува Костовски во својата колумна во „Фокус“ дел од писмото упатено и до претходниот и до актуелниот македонски премиер.
Но, неговиот предлог не е прифатен, ниту пред десет години, ниту денес. А стадионот од денеска е национална арена „Тоше Проески“.
По одлуката на Владата со реакција излезе и навивачката група „Комити.“ На социјалните мрежи напишаа дека за нив стадионот секогаш ќе го носи името – „Градски Стадион – Скопје.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА