Битка за Купот на Македонија, МЗТ го брани пехарот во Гевгелија

Со дуелот меѓу Блокотехна и Охрид во 13 часот ќе биде означен почетокот на завршниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија, кој од денеска па се до недела ќе се одржува во Гевгелија.

МЗТ Скопје ја има улогата на бранител на трофејот, откако „металците“ славеа во финалето на ланскиот Ф8 турнир во Кавадарци. „Сино-белите“ и сезонава се меѓу главните фаворити за пехарот, но јасно е дека Купот е натпреварување во кое се можни изненадувања.

„Бии сакал да им посакам среќа на сите мои колеги на овој завршен турнир. Ние како лански освојувачи имаме обврска да го одбраниме пехарот, се надевам дека ќе успееме, но сите екипи овде се многу сериозни, значително се засилија. Нека победи најдобриот“ – порача Ѓорѓи Кочов, стратегот на МЗТ.

„Металците“ во четврт-финалето ќе се сретнат со Кожув, тим што лесно го добија на стартот од Супер-лигата, но од кого претрпеа неочекуван пораз среде Скопје минатиот месец. Проблем за Алек Јончевски е неиграњето на Кесар, кој тешко дека ќе може да се врати на терените до крајот на сезонава.

Работнички важи за фаворит против Куманово, ривал што тимот на Марин Докузовски лесно го победи со 5-57 во првото суперлигашко коло. За „центарци“ на овој турнир ќе дебитира новиот плејмејкер, Американецот со македонски пасош, Дариус Вашингтон.

Последен на денешната програма, за 20 часот е закажан дуелот меѓу Гостивар и Фени индустри, на кој гостиварци се фаворити по заминувањето на дел од клучните играчи на кавадарчани откако оваа екипа не успеа да се пласира во Супер-лигата.

ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕТО:

13.00 часот: БЛОКОТЕХНА – ОХРИД

15.15 часот:  РАБОТНИЧКИ – КУМАНОВО

17.30 часот: МЗТ СКОПЈЕ – КОЖУВ

20.00 часот: ГОСТИВАР – ФЕНИ ИНДУСТРИ

Се вчитува...