Во таборот на Работнички не се крие разочарувањето откако МКФ не го дозволи комплетирањето на трансферот на Ксавиер Џонсон, па американскиот кошаркар нема да може да му помогне на актуелниот првак во Купот на Македонија. Помошта ќе беше добредојдена токму за денешното полуфинале со МЗТ Скопје, каде Марин Докузовски ќе мора да најде друг начин да ги неутрализира високите кошаркари на „металците“.
„Работнички дефинитивно се наоѓа во подредена улога на овој турнир од Купот на Македонија, со чудната одлука на МКФ да не ни дозволи Ксавиер Џонсон да игра за нас. Јас токму во него гледав како на играч кој ќе помогне во борбата во рекетот, ќе ни беше добредојден против МЗТ Скопје, но за жал поради неразбирливи причини нема да може да настапи за Работнички. Генерално гледано, МЗТ Скопје е тимот со најдолг ростер и тоа му ја дава и улогата на фаворит на овој турнир, во кој се играат три меча во три дена. Тоа не значи дека ќе се предадеме, напротив ќе одиграме најдобро што знаеме, оние кои ќе настапат ќе го дадат максимумот и верувам дека можеме да стигнеме до победата“ – изјави Докузовски во пресрет на денешното полуфинале.
Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Работнички се игра вечерва со почеток во 20.15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА