Страстите во македонската кошарка дополнително ќе се разгорат откако Работнички денеска и официјално побара од МКФ да биде што поскоро свикан состанок на Здружението на прволигаши за да биде дискутирано за новонастанатата ситуација.
Една од дилемите сигурно ќе биде децидно почитување на одлуките на Управниот Одбор донесени пред околу половина година, кога куќата на кошарката „замижа“ на многу неправилности на стартот од Првата лига, со јасна порака дека сето тоа ќе мора да биде исправено до почетокот на Супер-лигата и на плеј-аут лигата. Тоа не се случи, па сега Работнички пред Купот на Македонија бараше да бидат децидно почитувани претходните одлуки на УО.
Веќе в среда Работнички треба да го игра првиот домашен натпревар од Супер-лигата, а една од дилемите е дали „центарци“ ќе можат да играат во својот „грам“ во „Градски парк“, бидејќи и таму не беа санирани сите проблеми кои претходно беа утврдени од страна на комисијата за инспекција на салите.
Во ситуација кога продолжението на Супер-лигата е за 48 часа, за очекување е во најскоро време да дојде до состанок на прволигашите со челниците на МКФ, но проблем дефинитивно ќе претставува и најавената оставка на Комесарот Цветковски, која ќе донесе дополнителен заплет во целокупниот хаос во кој куќата на кошарката влезе со непочитувањето на сопствените одлуки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА