Очигледно речиси сите….
Едно од најславните имиња на македонскиот спорт и двајца кандидати со политички бекап. Ова е понудата за која ќе треба да решаваат делегатите на изборното собрание. Ако им го свика Пеце. Едно научивме во неговиот мандат, никогаш не го потценувајте плејмејкерот. Оти и оние што го донесоа, сакаа да го сменат, па останаа подзинати кога ги издрибла стручно на собранието кое сами го иницираа и демек имаа мнозинство.
Овие ветришта на промени сме научени да ги гледаме низ годиниве, особено кога има политичка смена на власта во државата. И единствено е мачно да се гледа како ни објаснувате дека многу му мислите добро на спортот, а впрочем добивте сила затоа што ете другарчињата од партија можат да ви завршат работа.
Спектаклот почна, кандидатите се караат по Фејсбук, ако имате пуканки, само гледајте си ја сапуницава. Ако сте од оние што се секирате за кошарката. Со среќа нека ви е.
Оти ние имаме кошарка во која шампионот има сала недостојна за реномето на големото име. И каква сака нека биде федерацијата и кој сака нека ја води, Работнички одамна знае дека онде не може да игра. И сега нека не глуми жртва и нека не прави обиди за пазарење барајќи принципиелност од МКФ. Принципиелност немало никогаш, нема ниту сега. Ама тоа што им дозволиле на клубовите со долгови да играат Супер лига, не е алиби за тоа што Работнички не го доправил тоалетот во гостинската соблекувална. Додуша добро е што направиле некаде воопшто тоалет. Оти никаков немаше. Во 21 век, во салата на најтрофејниот кошаркарски клуб во државата.
*******************************************************************************************
Од циркузиве во кошаркарска речиси и заборавивме на фудбалската федерација. Среќа па што се појави иницијативата на почитувачи на законите кои побараа од АМС да си ја врши работата. Да не беа можеби немаше да ни текне дека „новите“ и натаму сакаат да ја преземат ФФМ од „старо-новите“.
*******************************************************************************************
Овие се тепаат за федерации каде што не се ни оди на Европски и на Светски. Во РФМ среќа се знае кој е кој па нема административни турбуленции. Од време на време капитенот дава по некоја изјава за да размрда малку. И што се испотресовте толку за изјавата на Кире по победата над Исланд. А не смее ли да каже што мисли. Па не ни рече дека Брестовац не е добар, само дека немал време да им каже нова тактика. Сега ќе има, до јуни ќе им смисли и на старите и на новите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА