Вардар за два дена стигна до втората победа во ракометниот плејоф на Македонија, откако денеска во супердраматичен натпревар „црвено-црните“ славеа на гостувањето против Работник со резултат 28-30. Битолскиот суперлигаш има за што да жали бидејќи во првиот дел имаше предност од девет гола, но и тоа беше недоволно за да се земе скалпот на поранешниот европски првак.
Мечот почна со апсолутна доминација на домашниот состав, кој максимално го искористи фактот дека „вардарци“ го стартуваа дербито со комбиниран состав. Во првите десет минути „црвено-црните“ постигнаа само еден единствен погодок, пред Криштопанс да погоди по вторпат за гостите од Скопје (7-2). Ваквиот почеток им даде дополнителна сила на избраниците на Алушовски, кои целосно доминираа на теренот. Битолчани поведоа и со најубедливи девет гола разлика, а на одмор заминаа со „плус осум“ (18-10).
Советите на Парондо на паузата дефинитивно вродија со плод, бидејќи Вардар во второто полувреме заигра далеку подобро, како што му доликува на актуелниот првак на Македонија. Кон средината на вториот дел „вардарци“ заиграа извонредно во одбраната, па од 23-17 водството на домаќините се истопи на 24-23. Беше само прашање на време кога ќе дојде до пресврт, а тоа се случи со головите на руските крила Дибиров и Шишкарев, кои донесоа прво водство на Вардар на натпреварот (27-28). „Фармацевтите“ имаат за што да жалат бидејќи во последната минута имаа напад за израмнување, но шутираа над гредата, по што Мартин Поповски со гол во последните секунди стави печат на триумфот на Вардар, изразен со конечни 28-30.
Тимур Дибиров со осум гола беше најефикасен кај „црвено-црните“, по четири постигнаа Стоилов, Шишкарев и Криштопанс, додека во таборот на Работник најдобри поединци беа Кузмановски со осум и Маркоски и Ѓукиќ со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА