Трансферот на Филип Кузмановски од Металург се покажа како полн погодок за раководството на Работник, па битолскиот суперлигаш се подготвува за претстојното лето да донесе двајца нови ракометари од „Автокоманда“ во своите редови. Желбата на битолските „фармацевти“ е јасна, да се соберат што повеќе македонски репрезентативци во своите редови, па токму затоа се преговара за ангажман на Марио Танкоски и на Мартин Велковски.
Танкоски се наметна како еден од лидерите на тимот на Металург, во меѓувреме доби шанса и во сениорската репрезентација на Македонија, но младиот стружанец сега сериозно размислува за преселба во Битола, каде му се нудат далеку подобри финансиски услови во однос на оние што ги има со актуелниот договор во „Автокоманда“. Заедно со него дресот на Работник би можел да го облече и Велковски, кој се уште се рехабилитира од тешката повреда на коленото. Десниот бек ќе биде „фит“ за стартот од наредната сезона, битолчани не ја кријат желбата да го доведат во своите редови, а наскоро се очекува и неговиот конечен одговор.
Работник е многу блиску до освојување на второто место во македонскиот шампионат, што ќе му овозможи на овој клуб во наредната сезона да се натпреварува и во СЕХА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА