Годишното Собрание на МКФ на кое ќе се избира раководство на куќата на кошарката за наредните четири години ќе биде одржано на 15 мај, одлучи вечерва Управниот Одбор предводен од претседателот Петар Наумоски. Мандатот на првиот човек на мак-баскетот истекува на крајот од месец април, па во ситуација кога Владимир Темелковски и Перо Антиќ веќе ги најавија своите кандидатури, Наумоски го одредил и датумот на долго очекуваното Собрание.
Воедно, претседателот на МКФ извадил и уште еден адут од „ракавот“, носејќи одлука на УО за промена на начинот на номинација на претседателски кандидат во пресрет на Изборно Собрание. Според досегашните правила, секој клуб можеше да номинира само по еден кандидат, што оставаше простор 30-те клубови да номинираат двајца или максимум тројца конкуренти за „фотељата“. Сепак, со новата одлука на Управниот Одбор сега клубовите можат да номинираат повеќе од еден кандидат за претседател, што остава простор за уште пожестока битка за „тронот“ на македонската кошарка.
Темелковски и Антиќ веќе јавно ги најавија своите кандидатури, Наумоски се уште се нема изјаснето дали ќе се кандидира за нов мандат, а во игра се наоѓа и поранешниот пратеник во Собранието на Р. Македонија, Еско Рахиќ.
Едно е јасно, состојбата во мак-баскетот дополнително ќе се бранува во наредниот период, се до одржувањето на Собранието кои сите со нетрпение го очекуваат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА