Барселона израмни на 1-1 во четвртфиналната серија против Анадолу Ефес во Евролигата, совладувајќи го турскиот гигант на гостински терен со резултат 72-74. Натпреварот беше крајно неизвесен до последните секунди, двете екипи се менуваа во водство во текот на сите 40 минути, за на крај да слави каталонскиот тим.
Мечот почна со одлична игра на гостите кои во текот на првото полувреме цело време беа во предност, а на одмор се замина со 34-38 за гостите. Во третата четвртина со добра игра избраниците на Атаман за момент дојдоа до предност од 59-54, но со одлична игра во одбраната, Каталонците на крајот од четвртината повторно стигнаа до водство (59-62). Во последниот дел се играше кош за кош, за на крајот „фортуната“ да биде на страна на гостите за конечна победа од 72-74.
Адам Ханга со 17 поени, четири скока и три асистенции беше најдобар поединец во Барселона, додека во таборот на Ефес најефикасен беше Василије Мициќ со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА