Манчестер Јунајтед го загуби трпението со Ромелу Лукаку, откако белгискиот напаѓач воопшто не ги оправда очекувањата на „црвените ѓаволи“ по скапиот трансфер од Евертон. Тој беше преселен на клупата од страна на Жозе Мурињо, за повторно да добие шанса од Оле Гунар Солскјер, но ниту норвешкиот стратег не е убеден во квалитетите на „белгискиот џин“.
Норвежанецот сака да доведе врвен напаѓач во тимот за наредната сезона, но за тоа да се случи најпрвин ќе треба да се ослободи од Алексис Санчез, но и од Лукаку. Солскјер верува дека Лукаку не се снаоѓа најдобро во неговите тактички замисли и веќе дал зелено светло за заминување на Белгиецот.
Британските медиуми тврдат дека тој веќе бил понуден на ПСЖ, Интер и на Баерн, но ниту еден од овие три клуба не сака да испрати понуда, особено во ситуација кога Јунајтед ќе бара над 60 милиони евра за својот голгетер. Интересно ќе биде да се види во кој клуб ќе заврши Антонио Конте, кој ќе има пари за трошење, а отсекогаш важел за голем фан на Лукаку. Конте сакаше да го доведе Белгиецот и во Јувентус и во Челси, таа желба не му се исполни, па се очекува трофејниот стратег да тргне по овој фудбалер и во текот на летниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА