Фудбалерите на Лацио изненадувачки беа поразени од „фенерџијата“ Киево на домашен терен со 1-2 во 33. коло во Серија А, губејќи го чекорот со тимовите кои се борат за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Се започна со глупоста на Сергеј Милинковиќ Савиќ кој во 34. минута заработи црвен картон, откако неспортски го шутна напаѓачот на гостите Мариуш Степински. Тимот од Верона го реши дуелот на почетокот на второто полувреме со двата брзи гола на Емануел Вињато во 49. и Перпарим Хетемај во 51. минута. На 1-2 намали Фелипе Каиседо во 67. минута, но сето тоа беше недоволнo за освојување на трите бода.
Џенова на нашиот Горан Пандев беше поразена од Торино со 0-1, а капитенот на македонската фудбалска репрезентација не настапи на дуелот поради жолти картони. Трите бода за Торино во трката за пласман во Лигата на шампионите ги донесе Кристијан Ансалди во 58. минута.
Резултати Италија 33. коло:
Лацио – Киево В. 1-2, Џенова-Торино 0-1, Болоња – Сампдорија 3-0, Каљари – Фрозиноне 1-0, Емполи – СПАЛ 2-4 и Удинезе – Сасуоло 1-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА