Големото градско дерби меѓу Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити ќе биде еден од решавачките моменти во трката за титулата во Премиер-лигата, а за „граѓаните“ математиката е едноставна – мора да се стигне до цел плен на стадионот на големиот ривал за да се биде пред Ливерпул на табелата. Ако нешто оди во корист на Сити, тоа е традицијата од последните натпревари на „театарот на соништата“, каде „сините“ од Манчестер имаат одличен скор од пет победи, едно реми и само еден пораз на последните седум премиерлигашки дуели против „црвените ѓаволи“.
„Мислам дека Манчестер Сити се разви како клуб, создаде победнички менталитет и веќе не се плаши да игра на „Олд Трафорд“ како што тоа било случај до пред десетина години. Откако јас сум во Сити создадовме препознатлива игра со која настапуваме на сите терени ширум Англија и не гледам причина зошто нешто би менувале за дуелот со Јунајтед. Секако дека одиме на победа, но сакам да потенцирам една работа – овде зборуваме за освојување на титулата, значи победата над Јунајтед нема да ни значи ништо ако потоа се лизнеме на друг натпревар и ја загубиме титулата“ – предупреди Гвардиола.
Стратегот на Сити за утрешниот дерби дуел нема да може да смета на Де Бруин, како и на левиот бек Менди, кој го пропушти и денешниот тренинг на „граѓаните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА