Наместо фешта – свирежи и пцовки (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Се беше подготвено за славје, затоа и тагата и разочарувањето беа толку големи по завршувањето на вечерашниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“.

Победата беше на дофат, предност од „плус 14“ во третата четвртина, а потоа Назор извади „џокер“ од ракавот – Дашиќ излезе во одбрана на плејмејкерите на МЗТ Скопје и целосно го исфрли од ритам македонскиот тим. Кочов немаше против-одговор, предноста се топеше, дојде и до пресврт, на крајот и до победа на Задар.

Можеше со малку среќа да биде и поинаку, но Вудард самобендисано ја чуваше топката до самиот крај, за да ја има улогата на херој, но на крајот се претвори во трагичар. Наместо прослава, свирежи и пцовки кон Кочов и кошаркарите, епилог што апсолутно никој не го посакуваше во пресрет на овој натпревар кој требаше да значи и камбек во АБА1. Војната не е загубена, но јасно е дека во последната битка ќе биде многу потешко отколку вечерва.

МЗТ еднаш веќе победи во Задар, но следната седмица дуелот ќе биде „на се или ништо“, без шанса за поправен. А македонскиот тим ќе мора да покаже карактер кога притисокот ќе биде најголем.

 

Се вчитува...