Кошаркарите на Куманово беа пред можност да го изненадат МЗТ Скопје во последниот натпревар од 3. коло во Суперлигата, но на крајот потклекнаа на натпреварот кој го одиграа на домашен терен. „Металците“ со пресврт и благодарение на одлично одиграната последна четвртина славеа со 80-87.
Натпреварот почна и течеше низ крајно израмнет ритам. Во поголемиот дел кумановци беа во постојано водство но МЗТ замина на полувремето со предност од четири поени (44-48).
Во вториот дел повторно Куманово со агресивна игра во одбраната дојде на моменти и на предност, но гостите од Скопје беа далеку подобри во последниот период за конечна победа од 80-87.
Најефикасен кај МЗТ Скопје беше Соколов со 21 поен, а 19 поени запиша Самарџиски дополнети и со пет скока. Дамјан Стојановски натпреварот го заврши со 16 поени и шест скока. Кај домашните се издвоија Думиќ со 22 поени, Ѓекиќ со 19 поени и Мекиќ со 17 постигнати поени.
По оваа победа, МЗТ Скопје се израмни на врвот од табелата со Работнички со по 20 победи и три порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

