Легендарниот српски тренер Жељко Обрадовиќ стигна до 18. фајналфор турнир во Евролигата, откако неговиот тим Фенербахче славеше во четвртфиналната серија против литванскиот Жалгирис со 3-1.
Фенербахче амбициозниот проект го започна во 2013 година, доведувајќи го српскиот стратег во своите редови. Тоа беше единствена година во која турскиот гигант под негово водство не играше фајналфор. Откако е на чело на Фенербахче, Обрадовиќ пет пати се пласираше на завршниот турнир, трипати играше во финалето, а еднаш го освои трофејот во годината во која и нашиот Перо Антиќ беше дел од европскиот гигант.
Со титулата освоена во 2017 година, легендата на европската кошарка со девет освоени трофеи се израмни со Реал Мадрид на листата на најуспешни, а токму минатогодишното финале кое го загуби од кралскиот клуб беше борба за превласт за титулата на најтрофеен ентитет во континенталното натпреварување.
Обрадовиќ шансата за реванш против Реал Мадрид ќе ја има сезонава, бидејќи покрај неговиот Фенербахче и тимот од шпанската метропола веќе обезбеди пласман на турнирот на најдобрите четири на стариот континент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА