„Ел команданте“ по потопот од Кјелце: Немам објаснување што се случи…

ПСЖ важеше за голем фаворит за тронот во Лигата на шампионите, но сега се големи шансите дека францускиот гигант воопшто нема да се пласира на фајналфор турнирот во Келн. „Светците“ загубија со десет гола разлика на гостувањето против Кјелце, дуел во кој поранешниот македонски селектор беше надмудрен од страна на Талант Душебајев, па „ел команданте“ сега се наоѓа на работ на амбисот.

„Немам објаснување што се случи, се подготвувавме максимално, а потоа на теренот постоeше само една екипа. Кјелце беше многу подобар од нас, одигра цврста одбрана со која ни создаде многу проблеми. Првите петнаесетина минути ги одигравме добро, а потоа имавме проблеми со нивниот пивот Каралек и со шутевите од далечина. Се обидовме и со 5-1 во одбраната, но ништо не се промени. Се наоѓаме во неверојатно тешка ситуација, дефинитивно ќе играме многу подобро во Париз, но во моментов разочарувањето е огромно“ – истакна Гонзалес.

Шпанецот го напушти Вардар за ПСЖ со јасна цел – да ги одведе „светците“ до тронот на Европа, но без оглед на вчерашното разочарување за очекување е тој да остане на чело на ПСЖ и во наредната сезона.

Се вчитува...