Ајакс по пауза од 22 години ќе игра полуфинале од Лигата на шампионите, а за успехот да биде уште поголем, холандскиот гигант сезонава во ЛШ ја почна играјќи квалификации, за сега да стигне меѓу четирите најдобри тимови во Европа. Згора на тоа, во нокаут фазата најпрвин беше елиминиран европскиот првак Реал Мадрид, а во четврт-финалето и Јувентус предводен од Кристијано Роналдо.
„Како целиот свет повторно да зборува само за Ајакс. Нема да лажам, чувството е прекрасно. Би било неверојатно кога би ја освоиле титулата“ – сонува со отворени очи Едвин ван дер Сар, поранешниот голман на Ајакс, кој сега е директор на холандскиот гигант.
Тој има освоено четири титули во Холандија, трофеј во Купот на УЕФА во 1991, но и пехарот во ЛШ во 19995 година како член на Ајакс, по што кариерата ја продолжи во Јувентус, од каде преку Фулам се пресели во Манчестер Јунајтед.
Една од работите на кои во Ајакс се најмногу горди е што и во ерата на модерниот фудбал, тие не отстапуваат од „филозофијата на Ајакс“ – една и единствена во целиот свет.
„Ние имаме наша филозофија и наша ДНК по која сме препознатливи. Тоа е дека им даваме шанса на младите да станат ѕвезди, но потоа не ги уценуваме за да заработиме некој милион повеќе. За нас најважно е тие да се развијат, но и да си заминат… Зошто? Па за да отворат простор за младите што доаѓаат по нив“ – гордо истакнува Ван дер Сар.
Де Јонг веќе го договори својот мегатрансфер во Барселона, капитенот Де Лихт исто така речиси сигурно ќе си замине, а пристигнати се понуди и за Талјафико, Зијеш, Нерес…
„Секогаш има некој друг што ќе го заземе местото на оној што заминува. Секако, во прв момент нема да биде со истиот квалитет, но токму тоа е главниот предизвик на нашиот клуб – да го направиш секој фудбалер подобар од неговиот претходник. Некои клубови се создаваат за трофеи, некои се насочени на правење пари, ние размислуваме за создавање на фудбалери. И кога со ваков состав со голем дел наши играчи ќе стигнеме до полуфиналето од ЛШ, нормално дека задоволството е огромно“ – гордо порачува еден од архитектите на овој тим на Ајакс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА