Вирџил ван Дајк игра во животна форма, пред неколку дена заслужено се закити и со признанието за играч на сезоната во Премиер-лигата, па Холанѓанецот максимално подготвен ќе го дочека утрешното гостување против Барселона во полуфиналето од Лигата на шампионите. „Џинот“ на Ливерпул ќе има дополнителен мотив во фактот дека најтешкиот пораз во кариерата го има претрпено токму во каталонската престолнина, и тоа носејќи го дресот на Селтик.
Тоа се случи 11 декември 2013 година, кога 22-годишниот Ван Дајк настапи во одбранбената линија на Селтик на дуелот со Барселона. Шкотскиот гигант претрпе катастрофален пораз од 5-1, а Ван Дајк имаше меч за заборав само неколку месеци по доаѓањето од редовите на Гронинген, во трансфер вреден три милиони евра.
Сега ситуацијата е поинаква, Холанѓанецот вреди над 85 милиони евра, но со самото тоа и очекувањата од него се многу поголеми. Тој досега одговори на сите предизвици, но утре го очекува најголемиот – пресметка со Барселона предводена од Лионел Меси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА