МЗТ Скопје го загуби и вториот натпревар во низа во баражот со Задар, што значеше и дефинитивно простување од шансите за експресен камбек во АБА1 лигата. Стратегот на „металците“, Ѓорѓи Кочов, со право беше разочаран, но на прес-конференцијата по мечот потенцираше дека неговиот тим шансата за враќање во елитата ја пропуштил на претходниот натпревар во Скопје.
„Ние нашата шанса ја пропуштивме на последниот меч во Скопје, каде имавме двоцифрено водство, но не успеавме да триумфираме. Честитки до Задар за денешната победа и опстанокот во АБА-лигата, нам многу ни недостигаше Бојиќ, уште повеќе ако се земат во предвид проблемите со личните грешки на центрите. Искуството беше на страната на противникот, успевме да се вратиме и да влеземе во егал-завршница, но немавме сили за пресврт“ – истакна Кочов.
По загубениот трофеј во Купот на Македонија и неуспехот во обидот за камбек во АБА1, сега на МЗТ Скопје му останува само уште битката за титулата во домашното првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА