Викендов во СЦ Борис Трајковски (мала сала) во организација на МТКФ ќе се одржи официјалниот ЕТКФ Европски куп во традиционално карате за јуниори, кадети и деца во сите поединечни и екипни натпреварувачки дисциплини.
Европскиот куп се организира по повод три јубилеја и тоа: 50 години постоење на Карате клубот Работнички (1969-2019), прв и најуспешен карате клуб во Македонија од каде излегле многу врвни каратисти повеќекратни европски и светски шампиони како: Дејан Недев, Аљоша Недев, Мирче Опелоски, Јорго Огненовски, Назим Куртовиќ, Кристијан Кајчевски, Матеј Ангеловски, Јадранка Недева, Лијза Гашева но и многу други. Исто така овој настан се организира и во чест на основоположникот на традиционалното карате и основач на КК Работнички, проф. Венцислав Недев кој оваа година го прослави 70. роденден, човекот кој е најзаслужен за постигнатите врвни резултати на нашите каратисти, кој повеќе од 50 години е активен како спортист, спортски работник, тренер и селектор на македонската репрезентација во традиционално карате.
Овој настан го посветуваме и на д-р Владимир Јорга, претседател на Европската традиционална карате федерација кој оваа година ќе го прослави 80. роденден, жива светска карате легенда, основоположник на карате спортот во бивша Југославија и прв претседател на Карате сојузот на Југославија во далечната 1970 година.
Натпреварите на ЕК ќе се одржат во сабота и недела, а свеченото отварање е закажано за утре од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА