Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски е победник на полумаратонската трка на Скопскиот маратон. Тој патеката од 21 километар ја истрча за време 01:12.31 часа и мина прв низ целта, пред Србинот Кристијан Стошиќ, кој задоцни за 25 секунди. На третата позиција се пласираше уште еден Македонец, Милош Ранчиќ, со време 01:13.19 часа.
„Среќен сум поради триумфот, мислам дека остварив добро време, помогнаа и поволните временски услови за трчање денеска во Скопје. Неколку години се ’борев’ со топлото време, сега условите беа одлични. Наметнав свое темпо уште од почетокот и мило ми е што и другите Македонци ме следеа. Милош Ранчиќ го освои третото место“, изјави победникот на полумаратонот, Дарио Ивановски.
Кај дамите, најдобра во полумаратонската трка беше Унгарката Зита Качер, која оствари време од 1:28.55 часа.
Во трката на 5 километри, победник кај мажите е Леонид Вандевски, пред Павле Јовановски и Пепи Јанакиев. Во женска конкуренција, најбрзи беа Марија Стојановска, Ања Еклер и Ирма Хајдари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА