Кјелце ја комплетираше сензацијата во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако полскиот првак успеа да го елиминира ПСЖ и да се пласира на фајналфор турнирот во Келн. „Светците“ од Париз ги надополнија оние „минус десет“ од Кјелце, во неколку ситуации имаа предност од единаесет гола разлика, но тимот на Талант Душебајев заигра одлично во одбраната во последните неколку минути, на крајот загуби „само“ со 35-26 и го исфрли главниот фаворит за титулата во ЛШ.
Мотивираните домашни ракометари уште од самиот почеток јасно ставија до знаење дека ќе сторат се за да ги достигнат неверојатните “минус десет“ од првиот меч во Полска. Како што одминуваше времето, така и предноста на ПСЖ се зголемуваше, а на теренот се водеше вистинска војна, па само во првото полувреме беа покажани дури 11 исклучувања. Во битката далеку подобро се снајдоа домашните ракометари, кои на одмор надополнија повеќе од половина од негативата од првиот меч (18-11).
Кјелце заигра нешто подобро во нападот на стартот од второто полувреме, но Раул тогаш го стави на голот Омејер на местото на Коралес, па францускиот ветеран овозможи предноста да стигне до посакуваните “плус десет“ (29-19) во 47. минута. Ремили цел натпревар ја полнеше мрежата на Кјелце, а пред крајот десниот бек умешно почна да асистира до пивотот, па Хансен со два гола во краток период донесе водство од 32-21. Почетничка грешка при овој резултат направи Микел Хансен, кој поради погрешна измена доби исклучување на две минути, а ПСЖ воедно го загуби и поседот на топката. „Светците“ сепак се снајдоа и со играч помалку на теренот, одржувајќи ја предноста од 11 гола, па Душебајев побара тајмаут за последни совети до своите избраници.
При резултат 34-23 Сагосен ја загуби топката, а на спротивната страна Алекс Душебајев постигна гол, воедно изнудувајќи и исклучување на Микел Хансен, трето во второто полувреме за црвен картон на данскиот „бомбардер“ на ПСЖ. Во вистински момент се разбуди Цупара, бранејќи зицер на домаќините, а Агинагалде од пенал го постигна 25. гол за Кјелце, по што стана јасно дека на домаќините ќе им треба победа од 11 погодоци разлика за да се пласира на фајналфор. Притисокот стана преголем за Раул Гонзалес и неговите избраници, кои ги промашија следните два напади, па на крајот стигнаа со недоволна победа од 35-26, за ново разочарување на ПСЖ во атакот на трофејот во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА