Баерн Минхен го очекува ремонт во текот на летото, откако и официјално беше потврдено дека Франк Рибери и Арјен Робен нема да добијат нови договори и на крајот од сезонава ќе си заминат од „Алијанц арена“. На челниците на баварскиот гигант им е јасно дека нема да биде лесно да се најдат достојни замени за легендарните асови, но Румениге и Хенес се оптимисти дека ќе успеат да го договорат доаѓањето на најдобриот германски крилен офанзивец – Лирој Сане.
Асот на Манчестер Сити не е најстандарден кај Пеп Гвардиола, поради што најавил дека ќе побара летово да му биде дозволено да ги промени клупските бои. Квалитетите на германскиот репрезентативец се несомнени, но Гвардиола се сомнева околу неговата посветеност на теренот, поради што многу почесто се решава за опција со Бернардо Силва како крилен напаѓач, иако Португалецот одлично се снаоѓа и како класичен плејмејкер.
Сане би сакал да се врати назад во татковината, а Баерн ја разгледува опцијата за да го донесе на „Алијанц арена“. Понудата од 60 милиони евра е веќе подготвена, но останува да се види одговорот на „граѓаните“, кои го купија Германецот за над 50 милиони евра од Шалке и доколку се решат за негова продажба, сигурно ќе настојуваат добро да заработат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА