И „старата дама“ го откачи „синот на мама“

Адриен Рабио до пред неколку месеци важеше за еден од најпосакуваните фудбалери во Европа, но ситуацијата вртоглаво се промени, а главен виновник за тоа е – неговата мајка. Имено, мајката Вероника преговара како агент за следниот ангажман на нејзиниот син, но и го преценува Рабио, што е доволна причина заинтересираните клубови еден по еден да се откажуваат од намерата да го доведат фудбалерот на ПСЖ во своите редови.

Прва преговорите ги откажа Барселона, по стапките на каталонскиот гигант тргна и Реал Мадрид, за неодамна на ист потег да се реши и Јувентус. Весникот „Газета дело спорт“ во своето денешно издание објави дека Јуве нема намера повторно да седне на маса за преговори со Рабио, откако од италијанскиот првак бил побаран петгодишен договор за плата од 10 милиони евра по сезона, плус богат бонус при самиот потпис на договорот. Челниците на Јувентус се децидни по ставот дека станува збор за недокажан играч кој не е ниту репрезентативец на својата земја, за да му се исплатат 50 милиони евра во наредниот период, поради што јасно е ставено до знаење дека преговорите нема да продолжат.

Кругот на заинтересирани екипи се намалува, Тотенхем и Ливерпул се уште покажуваат интерес, но со понудените суми се далеку од она што мајката на Рабио го очекува за својот син.

Се вчитува...