Борец ја совлада Брегалница во дербито на колото со 2-0 и уште еднаш потврди дека е најквалитетниот тим во Втората лига Исток, a со овој триумф и официјално по 18 години се врати во елитата. Велешани поведоа со голот на Симеон Христов во 65.минута, а Брегалница од крајот на првиoт дел играше со играч помалку поради исклучувањето на Иван Митров. Во самата завршница, Ѓорѓи Ѓорѓиев постигна втор погодок за конечни 2-0.
Кит Го убедливо ја совлада Плачковица на гости во Радовиш со 0-4. Стрелец на водечкиот погодок на овој дуел беше Антонио Бујчевски во 27.минута од натпреварот. Во вториот дел, Иван Настевски од пенал во 70.минута зголеми на 0-2, а истиот играч беше стрелец и на третиот погодок. Во 90.минута и Филип Неделкоски се запиша меѓу стрелците.
Тиквеш и Кожув ремизираа без голови, но тоа беше доволно за кавадарчани да обезбедат бараж за елитата. Каменица Саса на гости го совлада Партизан Обршани со 0-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА