Работнички со поддршка за Перо Антиќ

Во пресрет на утрешното изборно собрание на Македонската кошаркарска федерација, со став се јави шампионот Работнички, давајќи поддршка на Перо Антиќ во трката за претседател на Македонската кошаркарска федерација.

Соопштението на Работнички го пренесуваме во целост.

КК „Работнички“ со поддршка на кандидатурата на Перо Антиќ за нов претседател на МКФ

Антиќ може да спроведе нормализирање на односите во клубската и позиционирање на репрезентативната македонската кошарка

Во пресрет на утрешното изборно собрание на Македонската кошаркарска федерација на кое ќе се избира новиот мандатар на федерацијата, КК „Работнички“ го поздравува изборното собрание и изразува верување дека новиот претседател на МКФ посветено ќе работи на подобрување на условите и подигнување на македонската кошарка на нивото кое го заслужува овој спорт. Во таа насока, а по презентираната предизборна програма и својата визија за македонската кошарка на кандидатот Перо Антиќ, КК „Работнички“ и официјално ја поддржува кандидатурата на Антиќ.

КК „Работнички“ во целост ги поддржува предлозите изнесени во програмата на Антиќ кои се однесуваат на финансиска помош и награди за клубовите, младите селекции и репрезентативците, намалување на износот за котизација за сениорските клубови и целосно укинување на котизацијата за младинските лиги, одосно ре-инвестирање на тие средства во подобри услови за тренирање и тренерски кадар. Дополнително КК „Работнички“ го поздравува и намалувањето на котизацијата за клубовите  и нејзина пренамена во награден фонд кој на крајот на годината, покрај пехарот, ќе биде дополнителен стимул и мотивацијата за играчите, намалувањето на казните и враќање на кошарката на ЕП.

„ Програмата која ја нуди Антиќ носи нови идеи кои ветуваат развој и издигнување. Неговиот живот е кошарката како спорт, а не привилигиите. Доказ дека сака да се посвети и да ја издигне кошарката во нашата држава е прекинувањето на пензијата и враќањето во кошарката, како и неговото континуирано несебично помагање во кошаркарските клубови. Убедени сме дека Антиќ е вистинскиот човек за позицијата, а неговото назначување на чело на МКФ ќе донесе промени и подобри времиња за кошарката. Неговото долгогодишно интернационално искуство во овој спорт и лична заложба можат да постават темели, пред сé, за нормализирање на односите помеѓу клубовите кои години наназад се поделени благодарение на двојните аршини што актуелното раководство на Федерација ги спроведуваше, не водејќи доволно грижа ниту за репрезентативната кошарка, а која во моментов е далеку од она што таа би требала да биде, дел од европската кошаркарска елита.“ – велат од КК „Работнички“.

КК „Работнички“ потсетува дека во најблескавите денови кои ги доживеа македонската кошарка кога го освои 4-тото место на Европското првенство во 2011 година, репрезентацијата ја водеше токму Перо Антиќ.

Раководството на КК „Работнички“ дава целосна поддршка на поранешниот репрезентативец и европски првак со Олимпијакос и Фенербахче и првиот македонец  кој настапуваше во НБА лигата, и во изборот на своите најблиски соработници доколку застане на чело на Федерацијата, меѓу кои, освен Тодор Гечевски се наоѓаат и други врвни кошаркарски имиња од македонската кошарка.

Се вчитува...