Зинедин Зидан по доаѓањето на клупата на Реал Мадрид ги ротираше голманите Тибо Куртоа и Кејлор Навас, но стратегот на „кралевите“ најави дека во следната сезона тоа нема да биде случај. Францускиот стручњак ја донел конечната одлука, решавајќи да го продаде Кејлор Навас, а да го задржи Куртоа на „Сантијаго Бернабеу“.
Мадридските медиуми оваа информација ја пренесоа со доза на изненадување, со оглед на слабата форма на Куртоа во текот на целата сезона, како и фактот дека Навас беше голман на Реал при трите титули во ЛШ што Зидан го освои во претходните три години. Сепак, пресуден беше фактот дека Костариканецот веќе наполни 32 години и се очекува неговата форма да се движи во надолна линија, додека Куртоа минатото лето беше доведен од Челси како долгорочно решение за голманската позиција во Реал.
За одлуката бил известен и самиот Навас, кој ќе настојува што поскоро да најде нов ангажман. Тој се споменува како сериозна опција за Манчестер Јунајтед доколку Де Хеа биде продаден во ПСЖ, а во игра за потписот на Навас се уште неколку премиерлигаши.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА