Вардар продолжи со максимален ефект во ракометниот плејоф откако „црвено-црните“ рутински славеа на гостувањето против Бутел со резултат 31-43. На тој начин, „вардарци“ експресно го оставија зад себе разочарувачкиот пораз во финалето од Купот на Македонија, враќајќи се во победнички ритам пред клучниот настан сезонава, настапот на фајналфор турнирот во Келн.
Како што можеше и да се очекува, Парондо одмори дел од првотимци, ротираше голем дел од ракометарите, но тоа воопшто не се одрази на конечниот исход на оваа средба. „Црвено-црните“ го отворија мечот со убедливи 1-5 и потоа лесно го контролираа резултатот, на одмор заминаа со предност од 12 гола (12-24), што потоа рутински ја сочуваа до самиот крај.
Недановски постигна 10, а Војводиќ осум гола за комбинираниот состав на „вардарци“, а најефикасниот ракометар на натпреварот дојде од домашниот табор, Мајиќ го заврши мечот со дури 14 постигнати погодоци.
Згуснатиот календар на „црвено-црните“ продолжува, па така избраниците на Парондо ги очекува нов натпревар, во Битола против екипата на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА