Актуелниот директор во МКФ, Владимир Темелковски, нема да се кандидира за нов претседател на куќата на кошарката, на Собранието што ќе се одржи утре точно напладне. Темелковски, заедно со Перо Антиќ, требаше да го предизвика актуелниот претседател Петар Наумоски во борбата за тронот, но на нешто повеќе од 12 часа до Собранието тој обелодени дека воопшто нема да влезе во финалната трка.
„Од лични и морални причини се повлекувам од трката за претседател на МКФ. Му посакувам на идниот претсседател да работи за доброто на кошарката и да ги продолжи пред се успесите на сениорскиот тим од последните два циклуси, како и успехот на младата репрезентација со пласманот во А дивизијата. Сметам дека спортистите и спортските менаџери мора да соработуваат и да изградат една силна и обединета федерација, сонувам и навивам во кошарката да престанат поделбите, туку големите кошаркарски имиња да се обединат во името на спортот, а менаџерите да им помогнат во обезбедување на што подобри услови за таа цел“ – истакна Темелковски за ЕКИПА.
По повлекувањето на Темелковски, Перо Антиќ останува единствен предизвикувач на претседателот Наумоски во битката за фотелјата на мак-баскетот, точно напладне во „Сквер 21“ во центарот на Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА