Тренерот на Фенербахче, Жељко Обрадовиќ на прес- конференцијата изјави дека за полуфиналниот меч на фајнал-фор турнирот во Евролигата против Анадолу Ефес, најверојатно ќе може да смета на Никола Калиниќ и Јан Весели, кои поради ситни повреди беа надвор од терените изминатиот период.
„Калиниќ и Весели почнаа со тренинзи. Не сум се уште сигурен колку ќе можат да помогнат против Анадолу Ефес“, изјави Обрадовиќ.
Тој се насочи и кон противникот во полуфиналето, Анадолу Ефес, тим со кој одлично се познаваат.
„Анадолу Ефес е екипа која игра динамична кошарка. Мораме да бидеме на највисоко ниво ако сакаме да влеземе во финалето. Имаат голем број одлични поединци и затоа играта во одбрана ќе биде клучот“, заврши Обрадовиќ.
Од претходно се знае дека Обрадовиќ на фајнал-фор турнирот кој се игра во Виторија поради повреда нема да може да смета на Луиџи Датоме и Жофри Ловерњ. Натпреварот против Анадолу Ефес е закажан за утре со почеток во 18 часот, а во второто полуфинале ќе се сретнат актуелниот шампион Реал Мадрид и ЦСКА Москва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА