Јосип Иличиќ е еден од најзаслужните што Аталанта е на чекор до историски пласман во Лигата на шампионите, но словенечкиот напаѓач најверојатно нема да остане во Бергамо, туку летово ќе се пресели во редовите на Наполи. Италијанските медиуми обелоденија дека Иличиќ веќе постигнал договор со раководството на „наполитанците“, кое му понудило на 31-годишниот фудбалер договор на три сезони, за годишна плата од три милиони евра.
Станува збор за сума што е двојно повисока од она што Иличиќ во моментов ја заработува во Аталанта, па јасно е зошто тој е максимално загреан овој трансфер да се реализира. Актуелниот договор што го има со тимот од Бергамо истекува во јуни 2020 година, па челниците на Аталанта се принудени сериозно да размислат за разделба од одличниот Словенец, за да не се случи тој следното лето да си замине без никаква отштета.
Првата понуда на Наполи изнесува 12 милиони евра плус Роберто Инглезе, кој сезонава ја мина на позајмица во Парма.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

