Ракометарите на Вардар во голем стил ставија печат на новата титула во домашното првенство, откако во дерби-дуелот од осмото коло славеше на домашен терен против Работник со убедливи 36-29. Ова беше осма победа за „вардарци“ во осмиот овосезонски меч, втор над ривалот од Битола, со што избраниците на Парондо ја осигураа титулата на две кола до крајот на сезоната.
Работник успеа да парира само во првите дваесетина минути, кога по негативата од 9-5 избраниците на тренерот Алушовски се приближија до 10-9. Потоа следеше фуриозен финиш на полувремето на Вардар, кој преводен од Дибиров (седум гола во првиот дел) го торпедираше противничкиот гол и на одмор замина со убедливи 19-14. Доминантната игра на „црвено-црните“ продолжи и во вториот дел, во кој по десетина минути игра актуелниот првак стигна и до првото двоцифрено водство (27-17). Прашањето на победникот беше решено, „црвено-црните“ го намалија интензитетот во играта, рутински приведувајќи го мечот до крај до конечните 36-29, за печат на новиот шампионски трофеј.
Тимур Дибиров со десет гола беше најефикасен во денешниот триумф, Стоилов постигна пет, а Скубе и Горбок по четири погодоци за старо-новиот првак на Макеонија. Во таборот на Работник најефикасен повторно беше Филип Кузмановски, кој постигна осум гола во својот последен дуел со Вардар пред преселбата во германски Магдебург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА