Историски прв куп-трофеј за Академија Пандев

Академија Пандев е победник на 27.финале во Купот на Македонија и за првпат по клупската историја го освои трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување. Во финалниот дуел по изведување пенали „пандевци“ славеа против со Македонија ЃП со 4-2, откако по регуларниот дел, а и по продолженијата, мечот заврши 2-2. Голманот на Академија Пандев, Душан Чубраковиќ, ги одбрани ударите од белата точка на Робсон да Силва и на Дејан Тантуровски, а неговите соиграчи беа максимално прецизни при реализацијата.

Сашко Пандев во десеттата минута најави интересно финале со многу голови. Со прекрасен удар од 25 метри ја затресе мрежата на Марко Јовановски. Но, брзо возврати и Македонија Ѓорче Петров. „Бомбардерот“ Робсон да Силва од слободен удар во 21.минута погоди на вистинското место и го врати финалето во егал. Тоа беше и резултат по првото полувреме.

Вториот дел почна со иницијатива на „лавовите“, но без изразена можност да се загрози Чубраковиќ. На спротивната страна, Дориев се закани со удар од далечина, но за малку крај голот.

Возбудата достигна максимум кон крајот на регуларниот дел. Дејан Тантуровски одлично реагираше и со удар со глава во 84.минута донесе водство за Македонија ЃП. Но, само две минути подоцна беше досуден пенал за „пандевци“, а успешен реализатор беше Љупчо Дориев.


МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 2-2 (1-1) по пенали 2-4
Арена „Тодор Проски“. Судија: Марјан Ецкоски (Охрид). Помошници: Карајанов и Јорданоски. Стрелци: Робсон да Силва 21’, Тантуровски 84’ (Македонија ЃП), С. Пандев 10’, Дориев 86’ пен. (Академија Пандев).

МАКЕДОНИЈА Ѓ.П.: Јовановски, Жуниор Изалдо (Стојановски 110`), Божиновски, 10. Да Силва, Кировски (Демир 101`), Пецов, Филиповски (Карваљо 72`), Гама, Билали, Тантуровски; Тренер: Александар Таневски;

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ: Чубраковиќ, Атанаскоски, Димов, Илиев, Костов, Стоилов, Миловaновиќ (Стојков 89`), Дориев, 19. С. Пандев (Крстовски 79`), Стојкоски (Иванов 69`), Велинов; Тренер: Југослав Тренчовски;

Се вчитува...