Астон Вила и Дерби на „Вембли“ денеска ќе го играат највредниот натпревар во светот на спортот. Триумф во финалето на плејофот во Чемпионшип дивизијата носи влез во фудбалскиот рај наречен Премиер – лига и заработка од неверојатни 170 милиони фунти за победникот, преку учеството во елитното англиско фудбалско натпреварување. Тоа е многу поголема заработка од освојувањето на титулата во Лигата на шампионите, но и од освојувањето на Премиер-лигата и ФА купот заедно. Тоа е многу повеќе и од суперскапиот Супербоул, финалниот мегаспектакл во НФЛ – лигата.
Астон Вила минатата сезона го загуби големиот финален меч и не успеа да се врати во елитата. Оваа сезона повторно е на чекор до рајот и важи за фаворит во пресметката со Дерби. Во двата меѓусебни меча, Астон Вила оствари гол разлика 7-0 против Дерби, но тоа не мора ништо да значи пред денешните 90 минути голема битка.
Џек Грилиш и соиграчите се надеваат дека овојпат ќе успеат да ја остварат целта.
Медиумите во Британија овој дуел го најавуваат и како пресметка на поранешните соиграчи од Челси, Франк Лампард и Џон Тери. Лампард е на кормилото на Дерби, а Џон Тери асистент во стручниот штаб на Астон Вила.
Дерби, доколку успее да влезе во Премиер – лигата, ќе стане тимот кој освоил најмалку бодови (74) во регуларниот дел од Чемпионшип дивизијата, после Кристал Палас во сезоната 2012/13.
Фудбалот во Англија е спектакл, дури и кога се работи за баражот за пласман во Премиер – лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА