Рамос го моли Перез: Пушти ме „гратис“ да заминам во Кина!

Реал Мадрид минатото летео остана без Кристијано Роналдо, а сега би можел повторно да остане без клучен првотимец откако Серхио Рамос ставил до знаење дека сака да си замине од „Сантијаго Бернабеу“. Наспроти првичните шпекулации дека негова следна дестинација ќе биде Премиер-лигата, шпанскиот ас разговарал со раководството на клубот да му биде дозволено да си замине од Мадрид, за да може да се пресели во далечната Кина.

Телевизијата „Секста“ повикувајќи се на извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој веќе разговарал со претседателот Флорентино Перез, замолувајќи го да му го раскине договорот, со што тој би можел без никаква отштета да замине во Кина. Сепак, истиот извор тврди дека одговорот на првиот човек на клубот бил негативен „Реал не може да дозволи заминување на капитенот во овој момент“.

Односите меѓу Рамос и Перез не се најдобри веќе неколку месеци, откако капитенот влегол во конфликт со претседателот веднаш по елиминацијата од Лигата на шампионите. Реал се подготвува за продажба на Бејл, што би го оставило Рамос како најплатен фудбалер на „кралевите“, но Флорентино е свесен дека со зелено светло за трансфер би го навлекол бесот на навивачите, поради што нема намера да го задоволи барањето на дефанзивецот.

Мадридските медиуми најавуваат дека ниту Рамос нема намера да се повлече, па за очекување е оваа сага да продолжи во периодот што следи.

Се вчитува...