Перез: Роналдо е најдобриот играч што сум го довел на „Сантијаго Бернабеу“

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, јавно призна дека Кристијано Роналдо е најдобриот фудбалер што го има доведено на „Сантијаго Бернабеу“. Тој во два наврати беше на кормилото на „кралевите“, првиот пат од 2000 до 2006 година и ги формираше познатите „галактикоси“ предводени од Зинедин Зидан, но и Бразилецот Роналдо, Луис Фиго, Дејвид Бекам, Мајкл Овен и со Робињо и Роберто Карлос, а се уште го одработува вториот мандат како претседател. Изминатата деценија ги доведе и Рикардо Кака, Карим Бензема, Чаби Алонсо, Месут Озил, Анхел Ди Марија, Гонзало Игуаин, Лука Модриќ, Герет Бејл, Иско, Тони Крос, но неговата најдобра инвестиција, како што вели, е Кристијано Роналдо.

„Доведов многу големи фудбалери во Реал Мадрид, но Кристијано Роналдо е најдобриот кој некогаш играл за овој клуб. Тој минатото лето рече дека сака нов предизвик во кариерата и не напушти. Никогаш не правеше проблеми и ние сакавме да излеземе во пресрет затоа што тоа го заслужи. Тој сигурно ќе биде запаметен како најдобар фудбалер во историјата на Реал Мадрид“, изјави Флорентино Перез.

„Кралевите“ тргнуваат во ново реновирање на составот откако минатава сезона не освоија ниту еден трофеј.

 

Се вчитува...