Парондо: Губевме од Барса, но сега сме многу подобар тим

Роберто Гарсија Парондо е убеден дека Вардар извлече поуки од двата овосезонски порази од Барселона и дека македонскиот првак ќе се прикаже во многу подобро светло во саботниот полуфинален дуел во „Ланксес Арена“ во Келн. „Вардарци“ загубија во групната фаза во Скопје со 26-30, потоа беа декласирани во Барселона со 34-26, но тие пресметки нема да имаат никакво значење освен дополнителна мотивација за Парондо и неговите избраници на 1 јуни во Келн.

„Загубивме два натпревари од Барселона, но Вардар сега е многу подобар тим од периоот во кој игравме со Барса. Верувам во тоа и се надевам дека ќе го покажеме на терен, бидејќи е јасно дека на фајналфор нема фаворити и секој има подеднакви шанси за победа. Нема да биде лесно, но ако одиграме перфектно во нападот и во одбраната, можеме да стигнеме до финалето“ – истакна Парондо.

Шпанскиот стручњак притоа објасни и како тимот напредувал низ текот на целата сезона.

„Овој одличен резултат е благодарение на напорната работа на сите играчи. Многумина мораа да прифатат нови улоги и беше потребно време за усовршување, гледаме огромен напредок кај Калараш, кој е клучен играч во нашата одбрана. Криштопанс и Шишкарев двајцата се важни во дефанзивната зона, а Карачиќ и Стоилов даваат дополнителен напор играјќи и во одбрана и во напад. Сето тоа придонесува да го достигнеме нивото на кое сме сега“ – вели тренерот на Вардар.

 

Парондо се осврна и на изненадувачкиот пораз од Металург во финалето од Купот на Македонија.

„Наш приоритет беше ЛШ, СЕХА и македонското првенство и ги остваривме зацртаните цели. Не го потценивме купот, но да не заборавиме дека нешто претходно ни беше кажано да си бараме нови клубови. Играчите собраа сила и го елиминираа Сегед, но потоа почнаа да размислуваат за своите иднини и не беа целосно фокусирани. Тоа е причината за поразот во финалето, но не можам да им се лутам кога ќе земам во предвид колку беа посветени во текот на целата сеззона“ – истакнува Роберто Парондо.

Се вчитува...