Нималку не е лесно да се наследи голем ас како Арпад Штербик, но она што го направи Дејан Милосављев сезонава делува неверојатно – српскиот чувар на мрежата направи заминувањето на Штербик од Вардар воопшто да не се почувствува. Тој пристигна како ракометен анонимус од редовите на Партизан, но предводен од Парондо и од Периќ за помалку од една година си создаде име во самата елита од ракометниот спорт. Затоа, Милосављев и Вардар сосема заслужено се закитија и со признанието за „ракометен трансфер на сезоната“ во изборот што вообичаено го организира „Хендбол Планет“.
Зад асот на „вардарци“ се најде уште еден голман, Бенјамин Буриќ, кој од Вецлар се пресели во Фленсбург, а третото место на оваа ранг-листа му припадна на „несудениот вардарец“ Каралек, кој наместо во македонскиот потпиша во полскиот првак Кјелце.
Сташ Скубе, кој исто така се покажа како врвно засилување на „црвено-црните“, е избран за четврти најдобар трансфер во Европа, пред голманот на Кјелце, Владимир Цупара, кој пристигна од редовите на Адемар Леон. Листата од „Топ 10 трансфери за сезоната 2018/2019“ ја комплетираат Фабрегас (Монпелје – Барселона), Јендал (ГОГ – Фленсбург), Колбахер (Вецлар – Рајн-Некар Левен), Кулеш (СКА Минск – Кјелце) и Банур (Шамбери – Динамо Букурешт).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА