Баерн Минхен со години наназад го собира најдоброто од германскиот фудбал, но се најде и репрезентативец на оваа земја што не сака да го облече дресот на баварскиот гигант. Станува збор за Лирој Сане, чиј трансфер беше посочен како приоритет за Баерн во пресрет на летниот преоден рок, но самиот фудбалер на Сити ја отфрлил можноста за преселба на „Алијанц Арена“.
Германските медиуми јавуваат дека Сане јасно ставил до знаење дека нема намера да се враќа назад во Бундес-лигата, каде претходно со успех го носеше дресот на Шалке. Токму по ваквиот став на самиот фудбалер, челниците на Манчестер Сити ја одбиле понудата на Баерн од огромни 80 милиони евра, со напомена германскиот првак да не се мачи со нов обид за ангажман на овој фудбалер.
Во ситуација кога Робен и Рибери си заминуваат, во Баерн се надеваа дека Сане ќе биде нов предводник на овој клуб. Одбивањето сериозно ги нарушува трансфер-плановите на баварскиот гигант. Сега како опција повторно се споменува Анте Ребиќ, кој е голема желба на тренерот Ковач, но е предалеку од квалитетите и потенцијалот на Сане.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА