КАТАПУЛТ: Како се вика шампион на „европски“? ВАРДАР!

Екипа

„Како се станува шампион ? Излегуваш на терен и победуваш кога е најтешко“ ! 

Оваа популарна и веројатно многу користена секвенца од познат филм е сепак единствениот начин на кој може да се објасни подвигот на ракометарите на Вардар.

Под плаштот на буквално неодредената ситуација во која се најдоа, кога по неколку месеци молк решија дека и нивната тишина мора да прекине, вардарци проговореа. Го кажаа отворено тоа што сите го шепкаа. За да се знае. Шампионот на Македонија не добива плата со месеци, а игра како европски гигант.

Сето ова не им значеше ништо од спортски аспект на играчите кои ги предводи Парондо. Можеби и тие не беа до крај уверени во „чудото од Келн“ кога пристигнаа во популарниот „Радисон Блу“, но веројатно длабоко во себе знаеја дека ќе направат се за да им пркосат на шансите, на разумната веројатност, па и на очекувањата ако сакате.

Столе и неговата „луда банда“. Во Вардар има необјаснива хемија. Има играчи кои се со години во клубот, кои го одржуваат духот на заедништвото и за среќа многу успешно го пренесуваат на новите. Па нека се тие дури и Германци.

Која е магијата на фамозната соблекувална на Вардар. Ние сите однадвор многу веројатно нема никогаш да дознаеме. Се обидува Столе некогаш да ни објасни. „Ние сме сите по малку луди“ – вели капитенот.

Лудост ли е, храброст, дрскост, инает, веројатно се од ова по малку, заедно со ракометните квалитети и големиот човечки и спортски капацитет. Затоа Вардар повторно ја покори Европа. Вторпат во три сезони.

Останаа да му гледаат во грбот Веспрем и големата Барселона. Ние овде во Келн најдобро ја видовме големината на ударот што им го зададе Вардар на овие многу поорганизирани, финансиски постабилни клубови. Шокот беше идентичен како и пред две години кога со подотворени усти гледаа ѕвездите од Пари Сен Жермен. Барселона двапати го доживеа ова.

Пехарот се враќа во Скопје. Главниот град повторно е на нозе. Ги поздравува хероите кои станаа симбол на непокор, синоним за храброст, карактер и верба. Станаа идентификација за обичниот човек во потребата да се биде поголем од тмурното секојдневне, поголем од проблемите, достоинствен во кризата и во нешто посилен од остатокот од фамозната Европа.

 

 

 

Се вчитува...