Флорентино Перез не успева да го комплетира транферот на Азар бидејќи Челси одолговлекува во преговорите, но претседателот на Реал во меѓувреме му исполни друга желба на тренерот Зинедин Зидан. Левиот бек на Лион, Ферлан Менди, е на пат за Мадрид откако сите деали од овој трансфер конечно се договорени.
Лион бараше 60 милиони, но на крајот е согласи на сума од 55 милиони, што Реал е подготвен да ја плати за да го донесе овој талентиран дефанзивец на „Сантијаго Бернабеу“. Весникот „Ас“ тврди дека лекарскиот тим на Реал веќе отпатувал за Париз, каде под нивни надзор Менди ќе треба да ги мине лекарските прегледи, со што би се отстранила и последната пречка пред комплетирањето на трансферот.
Иако отштетата е многу висока, неизвесно е дали Менди ќе биде стандарден првотимец или таа улога ќе му остане на Марсело, за кого тренерот Зидан има исклучително високо мислење. Според првичните информации, Зидан е решен да не го продаде Бразилецот, што значи дека од Мадрид ќе си замине младиот Регулион, а Марсело и Менди ќе ротираат во текот на долгата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА