Дејан Милосављев до пред една година го бранеше голот на Партизан и беше „анонимус“ за ракометната елита, но српскиот ас за само една сезона стана дел од „кремот на Европа“ во својот спорт. Не само што стигна до титулата во ЛШ, туку Милосављев беше и еден од најзаслужните што Вардар триумфираше на Ф4 турнирот во Келн, привлекувајќи го врз себе и вниманието на српската спортска јавност.
„Делува нереално, лани фајналфорот го гледав во родното Долово во близина на Панчево со мојот брат Горан, се воодушевуваме на легендите. Се сеќавам кога потпишав за Вардар и влегов во соблекувалната, се ми беше нестварно бидејќи бев во друштво на толку многу легенди. А сега бев дел од овој тим и стигнав до пехарот“ – вели Милосављев во интервју за српскиот весник „Новости“.
Патот до трофејот беше неверојатно тежок, преку пеколната група во првата фаза, па потоа и нови дуели со Барселона и со Веспрем во Келн.
„Да бидам искрен, не знам што се случуваше на двете средби од фајналфор турнирот. Не ги паметам првите десетина минути од финалето, како и последните 15 минути. Она што го знам е дека финалeто дел од ракометарите го играа со солзи во очите, толку многу ни значеше, за нас тоа немаше врска со пари или со било што друго, тоа беше повеќе од спорт“– порачува српскиот голман.
По големите финансиски проблеми во Вардар тој се реши да прифати една од неколкуте понуди што ги доби во меѓувреме, па кариерата ја продолжува во Фуксе Берлин.
„Пред заминувањето за Келн им соопштив на соиграчите дека си заминувам. Сите ме поддржаа, разбраа зошто го правам тоа бидејќи сите јадеме ист леб. Слушавме и читавме многу за проблемите со Вардар, никој не дојде да разговара со мене и не сакав да ризикувам. Отидов во амбициозен клуб, ќе играм во Бундес-лигата“ – објаснува Дејан Милосављев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА