Полска, европски тест да видиме колку можеме

‘Имаме сон да одиме на Европско’, вели капитенот Горан Пандев. Тоа е неговата најголема желба пред да стави крај на кариерата, со Македонија да биде дел од едно големо натпреварување. И нема подобар тест за европските можности на националниот тим од дуелот со Полска, најголемиот фаворит во групата за пласман на ЕП 2020.

Мислиме дека можеме, вечерва треба да видиме и дали навистина е така. Во ваков стил капитенот Пандеви го најави двобојот со Левандовски и компанија, селекција која беше дел и од последниот мундијал во Русија.

„Овој натпревар треба да ни го покаже патот во квалификациите. Ако ги победиме Полјаците, можеме да се квалификуваме на Европско првенство. Но, знаеме и каков тежок меч не очекува. Полска е одличен тим со врвни индивидуалци и искусни поединци. Но, мислам дека оваа генерација е зрела за успех, најдобрата со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистинските за да го покажеме квалитетот“, изјави Горан Пандев.

Офанзивно, агресивно, да покажеме квалитет и желба за триумф, ја најавува играта на националниот тим, селекторот Игор Ангеловски.

„Имаме респект за Полска, но и зголемена самодоверба, а ќе имаме и голема поддршка од фановите. Полска е квалитетна селекција, а тоа буди мотиви кај нас да покажеме колку вредиме. Имаат неверојатни поединци, и не е само Левандовски квалитет во нивните редови. Со нашата тимска игра ќе се справиме и против Полска“, изјави Ангеловски.

Мечот меѓу Македонија и Полска ќе се одигра вечерва, со почеток во 20.45 часот, на „Тодор Проески арена“.

 

Се вчитува...