Милан никако не успева да обезбеди влез во Лигата на шампионите, што придонесува и финансиските загуби на италијанскиот гигант од година во година да стануваат се поголеми. Весникот „Кориере дело спорт“ во своето денешно издание го анализираше работењето на клубот од „Сан Сиро“, обелоденувајќи шокантна информација – дека „росонерите“ за работата во изминатите пет години се во „дебел минус“ од вкупно 413 милиони евра.
Од оваа сума, дури 100 милиони евра отпаѓаат на ланската сезона, во која на чело на клубот се наоѓа американскиот инвестициски фонд „Елиот Менаџмент“. Американците го презедоа клубот од Кинезот Јонгхонг Ли, кој претходно го купи од долгогодишниот газда Силвио Берлускони. Анализата покажува дека кризата почнала уште во времето на Берлукони, откако Милан ја завршил 2014 година со „минус“ од 91 милиони евра. Најголемиот долг е направен во сезоната 2017/18, кога беше потрошено богатство на нови фудбалери, а „минусот“ изнесуваше 126 милиони евра.
Во исчекување на конечната пресуда во случајот во УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј, „росонерите“ се принудени летово да продадат дел од стандардните првотимци. Се очекува тоа да биде случај со Донаруме и Сусо, од чии трансфери можат да се заработат околу 80 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА