Лече тргна и по Трајковски

Лече оствари голем успех со влезот во „Серија А“, по што управата на овој прволигаш ги насочи погледите кон потенцијалните засилувања за настап во елитното италијанско фудбалско друштво. А на врвот на листата со желби се наоѓаат двајцата Македонци од Палермо, Илија Несторовски и Александар Трајковски.

Раководството на Лече оствари контакт со агентот на Нестор-гол уште во текот на минатата седмица, а според последните информации од Италија, наскоро ќе почнат и преговорите за ангажман на Трајковски. Двајцата Македонци ќе си заминат од Палермо откако тимот доби бодовна казна, по што стана јасно дека ќе нема шанси за влез во „Серија А“ и ќе мора да ги продаде своите најдобри фудбалери.

Трајковски може да настапува на неколку различни позиции во нападот, што го прави идеално засилување за Лече, особено бидејќи би бил достапен за ниска отштета од сицилијанскиот клуб. За очекување е во следниот период Македонците од Палермо да добијат уште неколку понуди, по што ќе донесат конечна одлука каде ќе ја продолжат кариерата.

Се вчитува...